Дејствување како покровител при котација

Што е котација?

Под котација на хартии од вредност, се подразбира постапката на внесување на одредена хартија од вредност на официјалниот пазар согласно одредени критериуми пропишани од Берзата и обврска за редовно објавување на ценовно чувствителни финансиски и нефинансиски информации и податоци во јавноста.

Постапка за котација

За котација на хартии од вредност издавачот,  преку својот покровител,  до Берзата доставува барање за котација, со целокупната пропратна документација и со напомена за тоа за кој пазарен подсегмент се однесува барањето за котација. При пријавување на одредена хартија од вредност за котација,  покровителот на котацијата до Берзата треба да поднесе

- барање за котација, потпишано од соодветното овластено лице на издавачот,

- одлука од соодветниот орган на издавачот, со кој се одобрува котацијата на хартиите од вредност,

- одлука од соодветниот орган дека ги прифаќа одредбите од Правилата за котација и сите нивни понатамошни измени ,

- изјава на одговорното лице за точноста на податоците во документацијата за котација,

- три примероци од проспектот за котација, изработен согласно елементите наведени во Глава V од правилата за котација,

- потврда од овластен депозитар, не постара од 3 дена дека не се воспоставени ограничувања на преносливост на ниво на емисија на акцииод ист род за кои се поднесува барање за котација,

- доказ за уплатен надоместок за котација,

- примерок од тековна состојба на друштвото не постар од три дена,

- ревидирани годишни финансиски извештаи за предходните години чиј број е наведен во точките од Глава II од Правилата за котација,

- примероци од сите донесени одлуки на издавачот со кои се одобрени сите измени во акционерскиот капитал на издавачот до кои дошло во предходните три дена,

- изјава од покровителот за котаљција согласно член 16, став 2 од овие Правила.

При поднесувањето на барањето за котација издавачот е должен да достави проспект.Проспектот мора да ги содржи сите информации кои на инвеститорите ќе им овозможат информативна проценка на имотот и обврските, финансиската состојба, добивката и загубата, резвојните можности, како и правата кои ги носат хартиите од вредност.Задолжителни податоци кои треба да бидат составен дел на Проспектот се

- Податоци за издавачот и капиталот на издавачот

- Деловни активности на издавачот

- Финансиски податоци за последните три години и податоци за трговските друштва во кое издавачот има мнозинско учество

- Податоци за акциите за кои се бара котација

- Податоци за органите на управување на издавачот

- Информација за развојните перспективи

- Финансиски извештаи ревидирани од овластен ревизор

Одборот на директори на Берзата го разгледува барањето за котација и одлуката за котација во писмена форма ја доставува до издавачот, во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето.Доколку Одборот на директори на Берзата го одобри барањето за котација застапникот на издавачот и Берзата потпишуваат Договор за котација во која се регулираат правата и обврските на договорените страни кои произлегуваат од котацијата согласно Правилата за котација, законските и подзаконските акти.Издавач чии акции се веќе котирани на Официјалниот пазар на Берзата може да побара префрлување на акциите од еден на друг подсегмент на котација, доколку ги исполнува критериумите за котација на соодветниот подсегмент.Доколку котираните акции од одреден издавач престанат да ги исполнуваат критериумите од Правилата за котација или доколку издавачот не ги исполнува постојните обврски за известување пропишани во Правилата за котација, Берзата може да донесе одлука да ги префрли котираните акции од одреден издавач од повисок на понизок пазарен сегмент.

Предности од котација

Друштвата кои котираат на официјалниот пазар остваруваат повеќе користи од котацијата и тоа

- Можност за прибирање нов капитал со емисија на нови хартии од вредност,

- Повисок рејтинг и углед на друштвото,

- Зголемена ликвидност и пазарно формирање на цената на акциите,

- Зголемување на вредноста на друштвото и можност за дневна проценка на вредноста на друштвото,

- Поефикасна заштита на инвеститорите, издавачите и малите акционери,

- Поефикасно спроведување на принципите и корпоративно управување,

- Поедноставен пристап и до странските берзи.